Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, изрази незадоволство од досегашниот учинок на неговата партија во рамките на коалицијата ВРЕДИ и Владата.
Во гостувањето на ТВ21, тој најави седница на Централното собрание закажана за денеска, која според неговите зборови е клучна и каде ќе се решаваат кадровски прашања и идните чекори на партијата. Не беше докрај прецизен дали меѓу нив е и можно напуштање на владејачката коалиција.
„Капацитетот ни е поголем од покажаното“, рече лидерот на Беса.
Тој отворено призна дека партијата можела да испорача повеќе резултати.
„Лично, мислам дека капацитетот на Движењето Беса во ВРЕДИ и во Владата е многу поголем од она што досега го покажавме“, истакна Касами.
Првиот човек на Беса додаде и дека не е целосно задоволен и дека е неопходна поголема посветеност во сите ресори со кои раководат.
За денешниот состанок веќе се подготвени анализи за предностите и слабостите на Беса во Владата. Највисокото партиско тело ќе ги ислуша извештаите на функционерите, по што ќе се донесат конкретни одлуки за иднината.
„Верувам дека таму сите функционери ќе известат за тоа каков е резултатот од нивното управување со институциите… ќе заземеме и ставови за тоа колку сме задоволни и дали можеше да биде подобро“, најави Касами.

