Драматична спасувачка акција во Македонија – полицијата со детали

Осумдесетгодишен жител на Македонска Каменица е спасен од полициски службеници откако бил заглавен на тераса на вториот кат од својата куќа, во која избувнал пожар, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според пријавата до СВР Штип, пожарот бил пријавен на 15 февруари 2026 година во 13:23 часот, на улицата „14 Јуни“ во Македонска Каменица.

Станува збор за куќа во сопственост на Љ.Ѓ. (80), кој, кога полицијата пристигнала на местото, бил затекнат заглавен на тераса на вториот кат.

Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица, презеле мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле мажот.

Поради вдишување чад, нему му била укажана медицинска помош во Клиничката болница Штип, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.

Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица, а на местото бил извршен увид.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде