Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши останува на ставот дека минималната плата ќе се зголеми во март, кога ќе се изврши редовното усогласување согласно утврдената методологија.
Одговарајќи на пратеничко прашање во врска со предлогот минималната плата да изнесува 600 евра, Дурмиши ја обвини опозицијата за политички маркетинг.
– Нема потреба од политички маркетинг. Не сме против зголемување на минималната плата, но тоа треба да се темели на економските параметри – продуктивноста, состојбата на пазарот на труд и економската моќ – истакна Дурмиши, одговарајќи на прашањето поставено од пратеничката Јована Тренчевска од Социјалдемократски сојуз на Македонија.
Тој додаде дека Владата никогаш не се откажала од разговори за зголемување на платите и најави дека околу 20.000 вработени во јавниот сектор ќе добијат покачување.
Во однос на платите на избраните и именувани лица, кои беа зголемени за 78 проценти со одлука на Уставен суд на Република Северна Македонија, Дурмиши најави дека Владата наскоро ќе донесе одлука за нивно замрзнување.
– За разлика од вас, кои ги зголемивте функционерските плати, ние работиме спротивно и нема да ги зголемиме платите на функционерите. Наскоро ќе биде донесена одлука за нивно замрзнување. Неосновано се обидувате да создадете перцепција дека економската состојба е резултат на сегашните политики, а не на погубните политики од вашето време – рече Дурмиши.
Во однос на забелешката на координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, дека седницата започнала со едночасовно задоцнување на негово барање, Дурмиши појасни дека доцнел поради претходно закажана конференција на која присуствувал.

