Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерката Ленче Делова.
Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на едвај 16 години.
На сцената на театарот прв пат чекори во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во оваа, тогаш нова и привремена зграда на Драмски, каде што останува до пензионирањето во 2004 година.
Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965); Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/ (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).
Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.
Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја добива награда за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја добива наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одбива заедно со сите други наградени од претставата.
Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и колегите од повеќе македонски театри.
Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакнува дека: „Со голема тага ја примив веста за смртта на истакнатата македонска театарска и телевизиска актерка Ленче Делова, уметница чие творештво остави неизбришлива трага во современата македонска култура.
Во овие тажни мигови, иако не постојат зборови коишто можат соодветно да ја изразат големата загуба, упатувам најискрено сочувство до семејството, пријателите, колегите и до целата македонска културна јавност.
Ленче Делова оствари бројни ролји во Драмскиот театар во Скопје, каде што го помина сиот свој работен век. Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентична психолошка суптилност, топлина и природност, со што успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката.
Особено значајно место во нејзината уметничка биографија заземаат телевизиските остварувања што го одбележаа детството на многу генерации: Бушава азбука, Ајде да се дружиме, Чук, чук Стојанче и Во светот на бајките. Преку овие култни емисии, Ленче Делова не само што ја потврди својата актерска виртуозност туку и даде непроценлив придонес во воспитно-образовниот и културниот развој на младите.
Извонредните актерски остварувања и благородната личност на Ленче Делова ќе останат трајно запаметени како дел од највредното наследство на македонската театарска сцена и телевизискиот медиум“.

