Дали добивте пари од МојДДВ? – Важни информации за скенирачите на фискални

Повеќе од 526 илјади граѓани требаше да добијат поврат на платениот данок на додадена вредност за последниот квартал од 2025 година.

Парите од мерката „МојДДВ“требаше да бидат исплатени до крајот на минатиот месец. Дел од граѓаните ги добија парите, но дел останаа без пари.

Од Управата за јавни приходи велат дека налозите се дадени, а од Министерството за финансии за „Слободен печат“ велат дека сите налози кои стигнале до нив се исплатени. Но дел од граѓаните останаа без пари на сметка.

-Налозите коишто се доставуваат до Трезорот во Минитертвото за финансии редовно се исплаќаат зависно од динамиката на достава од страна на буџетските корисници. Конкретно за налозите за кои што прашувате исплатени се сите пристигнати налози коишто се однесуваат на исплата на поврат на „МојДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година и се во вкупен износ од 919,2 милиони денари- велат од Министерството за финансии.

Според Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица кој е донесен во 2019 година повратот се пресметува и исплаќа квартално, а практиката е дека уплатите се реализираат во рок од 60 дена од крајот на тримесечјето.

Значи последната уплата требаше да биде на 27 февруари. Ова е второ доцнење на уплатата за средства за граѓаните откако е воведено враќањето на дел од платеното ДДВ кај граѓаните.

Граѓаните преку апликацијата добиваат 15 проценти од пресметаниот ДДВ од фискалните сметки што ги скенираат, при што максималниот поврат изнесува 2.100 денари по лице за квартал, односно до 8.400 денари годишно. Официјалните податоци велат дека само во 2025 година на граѓаните им биле исплатени околу 3,47 милијарди денари, односно над 56 милиони евра, по основ на поврат на ДДВ преку „МојДДВ“.

Гледано по квартали, исплатите се движеле од 784 до 921 милион денари по тримесечје, со повеќе од 490 до 515 илјади корисници во секој период.

Од УЈП за минатото доцнење на уплатата вината ја најдоа кај корисниците кои скенирале фискални сметки. Велеа дека немаат добиено средства поради погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциската сметка, поради што апелираа податоците во апликацијата да се проверат и ажурираат.

Извор: Слободен печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде