Речиси 5.000 граѓани немаат добиено поврат на ДДВ од скенираните фискални сметки поради внесени неточни или неажурирани податоци за трансакциските сметки, соопшти Управата за јавни приходи.
Оттаму нагласуваат дека согласно законските одредби, рокот за поврат на ДДВ изнесува 60 дена по завршувањето на кварталот.
„Во моментов, 4.966 корисници имаат внесено погрешна трансакциска сметка или имаат оставено трансакциска сметка која не е во нивна сопственост, поради што исплатата не може да се реализира. Управата за јавни приходи апелира до овие корисници да направат проверка на нивните сметки во банката или да обезбедат извод од трансакциската сметка. Корисниците кои немаат исплата потребно е да ги проверат и ажурираат податоците во апликацијата ‘МојДДВ‘, со што ќе се овозможи успешна реализација на исплатата“, соопшти УЈП.
По основ на скенирани фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“, за четвртиот квартал од 2025 биле исплатени вкупно 917.518.916 денари на 521.263 корисници.
Лани во ноември, кога исто така доцнеше исплатата, директорката на УЈП, Елена Петрова, рече дека нема никакви пречки и дека граѓаните редовно се исплаќаат.

