Полицијата уапси 32-годишник – чувал дома 15-годишна девојка и ѝ забранувал контакт со родителите

Триесет и двегодишен жител на Тетово бил приведен откако полицијата открила дека во неговиот дом престојувала малолетна девојка на која не ѝ било дозволено да комуницира со своите родители.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 7 март 2026 година околу 15:20 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода В.М. (32) од Тетово на улицата „Киро Ристовски Дрнц“. Полицијата постапувала по претходна пријава од 37-годишна жена, која пријавила дека нејзината 15-годишна ќерка живее во домот на осомничениот и дека тој не ѝ дозволува контакт со родителите.

По пријавата, полицијата презела мерки и активности за утврдување на фактичката состојба, по што осомничениот бил приведен.

Малолетничката е пронајдена, а случајот е пријавен кај надлежните институции.
Од полицијата информираат дека се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна кривична постапка согласно законските процедури.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде