Почина Чак Норис

CREATOR: gd-jpeg v1.0 (using IJG JPEG v62), quality = 85

Холивудската акциона ѕвезда Чак Норис почина на 86-годишна возраст, објави BBC, повикувајќи се на соопштение од неговото семејство. Според објавените информации, Норис починал во четвртокот, „во мир“ и опкружен од своето семејство.

Во пораката со која ја објавија веста, неговите најблиски го опишуваат како „посветен сопруг, грижлив татко и дедо, неверојатен брат и срцето на семејството“.

Ќерката: Имаше изглед на борец, но срце полно со љубов

Меѓу првите јавни реакции беше и пораката од неговата ќерка Данили, која напиша дека нејзиниот татко бил нејзин заштитник уште од првиот ден.

„Можеби имаше надворешност на борец, но неговото срце беше полно со љубов“, напиша таа, додавајќи дека Норис длабоко сакал и со голема нежност се грижел за луѓето во својот живот.

Емоционални пораки пристигнаа и од други членови на семејството. Неговата внука Грета го опиша како човек кој секому му посветувал внимание, а синот Дакота порача дека целиот живот гледал во него како во пример.

Од воздухопловец до икона на акциониот филм

Чак Норис е роден во 1940 година во Оклахома. Пред да стане филмска ѕвезда, служел во воздухопловните сили на САД, а токму во тој период започнал да се занимава со боречки вештини.

Подоцна се изгради како вистинско име во светот на каратето и другите боречки дисциплини, а таа автентичност подоцна стана и негов заштитен знак на големото платно. За разлика од многу акциони актери, Норис зад себе имаше реална боречка кариера, со црни појаси во повеќе дисциплини, меѓу кои карате, теквондо, џудо и бразилско џиу-џицу.

Пробивот дојде со Брус Ли, славата ја запечати „Вокер, тексашки ренџер“

Неговиот голем филмски пробив дојде во 1972 година, кога се појави покрај Брус Ли во филмот „Патот на змејот“. Подоцна следуваа улоги во акциони филмови како „Делта форс“, „Мисинг ин екшн“, „Инвејжн УСА“ и „Хиро енд д терор“.

Сепак, за најшироката публика Норис остана најпрепознатлив како Кордел Вокер во телевизиската серија „Вокер, тексашки ренџер“, која траеше девет сезони и му донесе огромна популарност кај телевизиската публика.

Во подоцнежните години поретко се појавуваше на филм и телевизија, но не исчезна од јавноста. Новите генерации го препознаваа и преку појавувања во филмови како „Доџбол“ и „Експендаблс 2“.

Од филмска ѕвезда до интернет феномен

Освен по филмовите и сериите, Чак Норис стана глобално препознатлив и како интернет феномен. Неговото име со години беше дел од популарни мемиња кои ја преувеличуваа неговата „непобедлива“ сила и тврдокорен имиџ.

Тие шеги го направија препознатлив и кај публика која не ги следела неговите филмови, а BBC потсетува дека Норис не само што не се дистанцирал од оваа интернет култура, туку во голема мера ја прифатил и охрабрил.

Реакции од филмски колеги и јавни личности

По веста за неговата смрт, почнаа да пристигнуваат бројни јавни реакции. Силвестер Сталоне го нарече „голем човек“ и изрази сочувство до неговото семејство. Жан-Клод Ван Дам напиша дека Норис „никогаш нема да биде заборавен“, а Долф Лундгрен го опиша како свој пример уште од деновите кога и самиот бил млад борец.

BBC потсетува и дека Норис имал блиски врски со низа познати политички личности, меѓу кои поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, Арнолд Шварценегер и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Наследство што останува

Со смртта на Чак Норис, Холивуд загуби едно од најпрепознатливите лица на акциониот жанр, а поп-културата фигура која со децении успеваше да остане релевантна – и на филмското платно, и на телевизија, и во интернет ерата.

Тој зад себе ја остава сопругата Гена О’Кели и пет деца.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде