ТАЖНА ВЕСТ: Почина познатиот македонски уметник

Почина Илија Пенушлиски, еден од најреномираните македонски сликари, соопшти неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски во објава на социјалните мрежи. Имаше 79 години.

„Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност.

Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, вели Митрев-Пенушлиски.

Илија е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист роден во Солун, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули 2022.

Роден е во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Во 1972/73 бил на постдипломски студии на Прат институтот во Њујорк како Фулбрајтов стипендист, и има бројни самостојни изложби во земјава и во странство.

Неговата последна изложба, изложба „Градот“, каде за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, беше во 2018 во скопската галерија „Акантус“.

„Познавам раскошни градови. Сум видел и грди градови. Го знаев и го сакав Скопје. Сликам градови со децении. Ме опседнуваат. Од магијата на градот не можеш да побегнеш“, кажа тогаш Пенушлиски, а на прашањето зошто вели дека го сакал Скопје, рече: „Оти не го сакам веќе. Јас сум роден скопјанец, цел живот сум во Скопје, но на Водно не сум се качил. Чист воздух не ми годи на здравјето. Фудбал не сум шутнал, такво ми беше и друштвото, ние бевме повеќе по шах, карти, женски и кафеани. Денес од Скопје ми се допаѓа само името, ми ѕвони во ушите, ме потсетува на еде град кој веќе го нема. Скопје беше град со дух. Сега не можам да откријам ниедна улица што нема да ме извади од памет“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде