Молотови коктели и огномет беа фрлени врз државните институции во Тирана, Албанија, за време на протестот на 22 март, организиран од опозициската Демократска партија. Албанската полиција употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.
Опозициската партија на поранешниот премиер Сали Бериша бара смена на актуелниот премиер Еди Рама и создавање на привремена влада.
Политичките тензии во Албанија ескалираа откако во декември минатата година Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (СПАК) поднесе обвинение против Белинда Балуку, која во тоа време беше министерка за инфраструктура и енергетика и вицепремиерка.
Демонстрантите во неделата фрлаа и молотови коктели врз седиштето на кабинетот на премиерот, Министерството за инфраструктура, Општина Тирана и седиштето на владејачката Социјалистичка партија. Солзавец беше испукан и во близина на италијанската амбасада.
По завршувањето на протестот, полицијата соопшти дека шест полицајци биле повредени за време на судирите со демонстрантите.
Фото: Социјални мрежи

