ОГРОМНА ТАГА: Почина младиот Кирил Слезенковски

Тажната вест ја објави политичката партија Левица:

Со длабока тага утрово ја примивме веста дека почина нашиот другар Кирил Слезенковски.

Кирил беше член на Централниот комитет на Левица и советник во Советот на општина Илинден, но неговото значење не се сведуваше на функциите. Беше пример за човек кој политиката ја разбира како одговорност кон луѓето, а не како позиција. Беше самоиницијативен, одговорен и подготвен да се зафати со решавање на проблеми.

Другарството, чесноста, енергичноста, интелигенцијата, солидарноста и позитивниот дух беа вредности што Кирил ги поседуваше и секојдневно живееше.

Во време кога многумина ја сведуваат политиката на личен интерес и калкулации, Кирил беше спротивност на тоа. Непринудно и без задни намери им помагаше на луѓето, се бореше за подобри услови во заедницата и веруваше дека работите можат да се менуваат ако има доволно чесност и упорност.

Како советник во Илинден, беше глас на граѓаните – аргументиран, јасен и бескомпромисен кога стануваше збор за јавниот интерес. Како член на Централниот комитет, беше еден од оние на кои можеше да се потпреш – со идеи, знаење, карактер, посветеност. Брилијантен во размислувањето, борбен во духот и исклучително човечен во односот кон луѓето, Кирил остави трага што не може да се избрише.

Она што ја прави оваа загуба уште потешка е што губиме млад човек со сериозен капацитет, знаење и енергија да придонесува уште многу години. Кирил веќе имаше оставено трага, но уште поважно – имаше јасна визија и волја да направи повеќе за Илинден, Скопје и за Македонија.

Над сè, Кирил ќе го паметиме како другар. Човек кој знаеше да биде и силен и топол во исто време.

Неговото отсуство ќе се чувствува длабоко во организацијата и меѓу луѓето што го познаваа. Но, ќе остане и она што го остави зад себе – пример дека може да се биде принципиелен, посветен на заедницата и дека борбата има смисла.

Сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што го познаваа.

Кирил, ќе те паметиме 🖤

Слава му! 🕊️

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде