Валери Перин (82), американска актерка номинирана за Оскар за нејзината улога во биографскиот филм „Лени“ и позната на пошироката публика како госпоѓица Тешмахер во филмот „Супермен“, почина денеска во Беверли Хилс, пишува „Вариети“.
Актерката со години се бореше со Паркинсонова болест, а веста за нејзината смрт ја објави нејзината пријателка Стејси Саутер на Фејсбук.
„Со длабока тага објавувам дека Валери нè напушти. Таа се справуваше со Паркинсоновата болест со неверојатна храброст и достоинство.
Светот без неа е помалку убав“, напишала Саутер, со линк до кампања на GoFundMe за покривање на трошоците за погребот.
Перин сакала да биде погребана на гробиштата Форест Лоун, а по долга борба со болеста, била финансиски исцрпена.


