Венко Филипче ја претстави програмата „Твоја држава – твоја шанса“ со нула корупција, повисоки плати, 50% поголеми пензии, поддршка за младите и станбени кредити со 1% камата.
План за нула корупција, ветинг, борба против партиски вработувања, поддршка за младите со поволни станбени кредити, повисоки плати и 50% поголеми пензии, како и скратена работна недела се меѓу главните точки во новата предлог програма на СДСМ „Твоја држава – твоја шанса“, која ја претстави партискиот лидер Венко Филипче. Според него, документот содржи конкретни мерки и политики насочени кон сите граѓани и кон напредок на државата.
Предлог програмата ја изработија стручните комисии во партијата и моментално претставува работна верзија. Таа е отворена за широка јавна дебата со експерти и професионални здруженија од различни области. Целта е процесот да заврши на почетокот на јуни, по што програмата ќе биде официјално усвоена на Конгресот на 7 јуни.
Платите нагоре, пензиите повисоки за 50%
На брифинг со новинарите, претседателот на СДСМ, Венко Филипче ги презентираше дел од клучните економски мерки. „Сведочиме на згрозувачка инфлација на алчноста. Работникот едвај врзува крај со крај, додека големите корпорации бележат рекордни профити. Имаме европски цени, а плати што се на европското дно. Пензионерите гледаат како нивните приходи секој месец губат чекор со растот на цените“, рече Филипче.
Мерките предвидуваат:
- раст на платите во согласност со растот на профитот на компаниите,
- стимули за фирмите што ги зголемуваат платите,
- 50% повисоки пензии за еден мандат,
- автоматско усогласување на пензиите со растот на трошоците и платите.
Во новата предлог програма на СДСМ е вклучена и уште една мерка, а се однесува на кратење на работната недела од сегашните пет работни дена на четири работни дена. Филипче порача дека со овој модел човекот се става пред профитот, а целта е достоинствен живот за работниците.

