Синоќа на 63 годишна возраст почина Зоран Маневски професор по виолина во Државното музичко училиште во Битола. Маневски е потекло од Велес, но целиот свој работен век го помина во Битола.
Како професор по виолина беше исклучително посветен на работата и како резултат на тоа зад себе остави плеада ученици – виолинисти, добар дел од нив познати музичари во државата но и надвор од неа. Неговите ученици беа високо наградувани на државни и меѓународни натпревари по виолина.
Маневски, средно музичко училиште и музичка академија отсек виолина заврши во Скопје, додека Битола беше еден од омилените професори на учениците во Државното музичко училиште. Особено е важно тоа што тој е еден од основачите на Камерниот оркестар во Битола.
Неговата дарба за музика го смести на листата на најдобрите естрадни уметници во Македонија. Кариерата како музичар ја започна во родниот Велес каде што настапуваше во групата „Негрос“. Во Битола беше член на „Мегдан“, а како солист настапуваше и со „Битолски Конзули„ и многу пати учествуваше на фестивалите во Македонија – „Валандово“, „Цветници“, Тетовски Филиграни“, „Интерфест Битола“ , „Серенада“ и др.
Посмртните останки на професорот Маневски ќе бидат изложени во црквата „Свети Димитриј“ Битола.

