Еве кој ќе добие повисоки плати за Април

Вработените во државната администрација, судовите и правосудните органи, како и дел од работниците во приватниот сектор каде што се потпишани колективни договори, во април добија зголемување на платите.

Според податоците од Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), околу 11 илјади вработени веќе добиле повисоки примања, откако беа потпишани 60 поединечни колективни договори со институции од јавниот сектор. Освен усогласувањето со Законот за минимална плата, нивните плати се зголемени за дополнителни 7 проценти.

Зголемувањата не завршуваат тука – административните службеници ќе добијат по 7 проценти раст и во 2027 и 2028 година, што според пресметките значи вкупно зголемување од околу 42 до 43 проценти во наредните две години.

Дополнително, дел од работниците во приватниот сектор добиле покачувања од 5 до 8 проценти, во зависност од договореното со колективните договори. Со тоа, како што посочуваат синдикатите, во поголемите компании речиси и да нема работници што примаат минимална плата.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека синдикалното барање останува минималната плата да достигне 600 евра, како и зголемување од 100 евра на останатите плати.

Во меѓувреме, минималната плата во март беше зголемена за 1.667 денари и сега изнесува 26.046 денари. Сепак, од Сојузот на синдикатите на Македонија реагираат дека одлуката е донесена без нивна согласност.

Професорот по трудово право Лазар Јовевски оценува дека реалното зголемување на платите оваа година достигнува околу 14 проценти, ако се земе предвид и растот на минималната плата. Според него, со ваквата динамика, во следните две години може да се постигне вкупен раст од над 40 проценти.

Од друга страна, работодавачите предупредуваат дека зголемувањето на минималната плата претставува сериозен товар, особено за малите компании. Тие посочуваат дека придонесите достигнуваат околу 50 проценти од платата, што значително ги зголемува трошоците за работење.

Според најновите податоци од Управата за јавни приходи, над 150 илјади работници во државата земаат плата под 30 илјади денари, додека околу 204 илјади примаат до нивото на просечната плата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде