Три лица се лишени од слобода, а четири возила се одземени во засилена акциска контрола на МВР. Полицијата регистрирала екстремни прекршувања на брзината, меѓу кои и возење со 212 километри на час на автопат.
Контролата била насочена кон санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената, при што биле евидентирани сериозни прекршоци на повеќе патни правци.
На автопатот Скопје–Штип, со специјално возило „пресретнувач“, измерена е брзина од 212 километри на час кај патничко возило „ауди“, управувано од 24-годишен возач од Свети Николе, што е значително над дозволените 130 км/ч.
На регионалниот пат Куманово–Крива Паланка, пак, регистрирано е возење со 182 километри на час, иако дозволената брзина на оваа делница е 80 км/ч.
Во третиот случај, на патот Арнакија–Глумово, одземено е товарно возило „мерцедес“, откако било утврдено дека возачот управувал со истечена сообраќајна дозвола, чиј рок важел до 2010 година.
Вкупно 14 мерки се изречени за пречекорување на дозволената брзина надвор од населено место, а евидентирани се и четири други сообраќајни прекршоци.
Три лица се лишени од слобода поради сторено кривично дело – две за возење со брзина поголема за над 70 км/ч од дозволената, а едно лице за управување возило без важечка возачка дозвола.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни прекршочни и кривични пријави.
Надлежните потсетуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината е една од главните причини за сообраќајни незгоди со тешки последици, и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила.

