ТАЖНА ВЕСТ: Почина познатиот македонски пејач

Македонската музичка сцена е завиена во тага по веста за смртта на познатиот музичар Мустафа Сејфулов, кој почина на 48-годишна возраст.

Информацијата за неговото заминување ја споделија неговите најблиски, по што следуваа бројни емотивни пораки од пријатели, колеги и обожаватели.

Сејфулов беше препознатлив како пејач и тапанар во групата „Кавадарка“, каде остави значаен белег. Интересно е што во различни периоди од својата кариера бил дел од бендот и како тапанар и како вокалист, покажувајќи ја својата разновидност како музичар.

Покрај ангажманот во групата, тој соработуваше со повеќе македонски уметници и беше дел од бројни музички проекти. Неговата последна песна „Големи маки имавме“, која ја сними во соработка со кларинетистот Фазли Сејфулов и Александар Ѓорчевиќ, останува како силен музички печат од неговите последни години.

Во последниот период од животот живееше во Виена, Австрија, заедно со своето семејство, каде продолжи да се занимава со музика. Потекнуваше од музичко семејство – неговиот дедо Муто Сејфулов бил познат кларинетист, татко му Рамадан Сејфулов исто така музичар, а и неговиот брат Веби Сејфулов ја продолжува семејната традиција.

Освен по музиката, ќе остане запаметен и по својата блискост со семејството. Беше активен на социјалните мрежи, каде често споделуваше моменти од приватниот живот. Една од неговите последни објави, фотографија со внуката Хавин, особено ги трогна луѓето. Под фотографијата стоела кратка, но длабоко емотивна порака: „Мојот живот, Хавин“.

Со неговото прерано заминување, македонската музика губи уметник кој остави свој белег, а неговите песни и спомени ќе продолжат да живеат меѓу оние што го познаваа и сакаа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде