Фудбалскиот свет вечерва е погоден од смртта на легендарниот романски стручњак Мирчеа Луческу, кој почина на 80-годишна возраст.
Според информациите на романските медиуми, Луческу ја загубил битката по неколку дена поминати во болница.
Искусниот тренер минатиот петок доживеа срцев удар, по што итно беше хоспитализиран и ставен во состојба на индуцирана кома. И покрај напорите на лекарите, неговата здравствена состојба се влошила, а докторите не успеале да го спасат.
Во последните моменти со него во Букурешт биле неговата сопруга Нели, внуката Марилу, како и синот Разван Луческу, тренер на ПАОК, кој итно допатувал за да биде покрај својот татко.
Луческу остави неизбришлива трага во европскиот фудбал. Во текот на својата богата и долготрајна кариера предводеше бројни клубови и репрезентации, меѓу кои Динамо Букурешт, репрезентацијата на Романија и Шахтјор Доњецк, со кој ги оствари своите најголеми успеси .

