Неколку воени бродови на американската морнарица денес поминаа низ Ормусскиот теснец, потврди американски функционер. Овој потег, кој не беше координиран со Иран, го означува првото поминување на американски воени бродови низ теснецот од почетокот на војната, објавува „Аксиос“.
Според извори, целта на операцијата била да се зголеми довербата на трговските бродови да продолжат да пловат. Операцијата е спроведена во време кога во Пакистан започнуваат мировни преговори меѓу двете страни. „Ова е операција насочена кон обезбедување слобода на пловидба во меѓународни води“, рече американскиот функционер.
Од друга страна, Иран објави дека американскиот разорувач се повлекол од Ормускиот теснец по добивањето строго предупредување. Според изјавите на Иран, вооружените сили го набљудувале движењето на воениот брод од пристаништето Фуџаира и ја информирале својата преговарачка делегација за тоа, пишува „Тасним“.
Техеран потоа преку пакистански посредник изјави дека разорувачот ќе биде цел во рок од 30 минути ако продолжи да плови кон теснецот. Набргу потоа, американскиот брод престана да се движи, а потоа се сврте, што иранската страна го припишува на својата решителна реакција и упатените предупредувања.
Повторното отворање на теснецот е клучна точка од договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран. Овој тесен воден пат долж јужниот брег на Иран е од клучно значење за нормалното функционирање на глобалната економија.
Сепак, во деновите по прекинот на огнот, многу малку бродови поминале низ теснецот. Американски функционер претходно оваа недела призна дека бродовите не поминувале поради иранско заплашување.
Претседателот Трамп објави на Truth Social дека заканата дека бродовите би можеле да „налетаат“ на морски мини е единственото нешто што Иран може да го направи за да ги одврати од минување низ теснецот.
„Сега го започнуваме процесот на чистење на Ормутскиот теснец како услуга за земјите ширум светот, вклучувајќи ги Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Франција, Германија и многу други“, напиша тој.

