МВР апси агресивен маж со пиштол на појасот

Вистинска драма се одвивала вечерва во близина на Градежниот факултет во Скопје, каде што 22-годишен холандски државјанин бил приведен откако агресивно се однесувал во угостителски објект и наводно носел пиштол на појасот.

Според информациите, лицето со иницијали С.С.С. пред инцидентот престојувало во локал во близина, каде што предизвикало вознемиреност кај персоналот и гостите поради агресивното однесување. Очевидци забележале дека кај себе имал оружје, по што сопственикот на локалот веднаш ја известил полицијата.

По пристигнувањето на полициските службеници, осомничениот не сакал да соработува и им пружил отпор при обидот за приведување. Според информациите, тој се обидел и да избега во правец на Градежниот факултет, но по кратка интервенција бил совладан и уапсен од полицијата.

На местото имало засилено полициско присуство, а инцидентот предизвикал големо внимание кај граѓаните кои се затекнале во околината.

Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека лицето е приведено и дека се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот и утврдување на сите околности околу инцидентот.