Лош абер стигна од државата до тутунопроизводители да ги вратат парите од субвенциите за реколтата 2024 година, исплатени во 2025 година.
Во барањата испратени од Платежната агенција на адреса на тутунари се бара поврат на средства и до шест илјади евра од производител. За да биде нервозата поголема овие пари треба да се уплатат на сметка на Платежната агенција во рок од 15 дена од добивањето на решението, пишува „Независен“.
Образложението на Платежната агенција е дека 91 тутунар треба да врати пари од субвенциите во висина од над 20 милиони денари, бидејќи една количина на тутун сработиле, а друга повисока пријавиле за да земат субвенции.
Игор Мирчески, поранешен координатор на тутунарски здруженија коментира: „Само сиромасите во оваа држава одговараат и закон ги фаќа, сите други можат да крадат и злоупотребуваат неказнети. Удри по тој што е немоќен, тој не може да врати. Е ова е тоа, тренираме држава врз сиромашниот народ.“
Доставените решенија предизвикаа револт и забуна кај тутунарите кои веќе два месеци ги чекаат субвенциите за последната реколта. Дел од тутунарите, пак, ја оправдуваат Платежната агенција дека нечесно заработените пари треба да се вратат.

