Четири лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што синоќа се случила на скопската обиколница, во близина на Радишани. Според првичните информации, патничко возило марка „бмв“ директно се судрило со камион, по што автомобилот се запалил.
Несреќата се случила околу половина час пред полноќ, а на местото веднаш интервенирале екипи на полицијата, противпожарната служба и Итната медицинска помош. Од силината на ударот, возилото целосно изгорело.
Според информациите објавени од медиумите, можно е причината за трагедијата да биде преминување на камионот, кој имал косовски регистарски таблички, во спротивната сообраќајна лента. Неофицијално, се претпоставува дека возачот на товарното возило можеби изгубил свест поради замор непосредно пред судирот.
Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за идентитетот на жртвите. Сè уште не е познато дали станува збор за семејство или група млади лица, а според првичните информации не се исклучува можноста меѓу загинатите да има и деца.
Истражните органи во текот на ноќта извршиле увид на местото на несреќата, а се очекуваат повеќе детали во текот на денот.

