Пријателите и колегите се простуваат: Загубивме жена со големо срце – почивај во мир, Рози

Со голема тага пријателите, колегите и познаниците се простуваат од Розетка Влаховиќ – Рози, жена која со својата благородност, посветеност и човечност остави длабока трага кај сите што ја познаваа.

Веста за нејзината смрт ја објавија од Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ од Аеродром, од каде истакнаа дека Рози била жена со благородна душа, искрена насмевка и срце полно љубов за сите околу себе.

„Со голема тага се простуваме од нашата Рози. Жена со благородна душа, искрена насмевка и срце полно љубов за сите околу себе.“

„Мајка на многу деца, кои преку нејзината благородна работа и неизмерна грижа беа изведени на вистинскиот пат во животот“, објавија од Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ од Аеродром.

Розетка Влаховиќ речиси 23 години била дел од Домот за деца без родители и родителска грижа, каде со својата работа, љубов и посветеност оставила неизбришлива трага.

Нејзините колеги ја опишуваат како искрен, директен и отворен човек, кој секогаш бил подготвен да помогне, да сослуша и да даде поддршка.

„Со својата добрина, сила и упорност беше пример што значи да се работи со срце“, порачаа нејзините колеги.

Бројни пријатели и познаници се простуваат од Рози со емотивни пораки и изрази на сочувство до семејството, роднините, соработниците и сите што ја познаваа и сакаа.

Нека почива во мир.