Со потресни зборови и пораки исполнети со неизмерна болка, Христина Велкова се прости од својот син Адам Велков и сопругот, оперскиот баритон Ристе Велков, кои трагично ги загубија животите во стравичната сообраќајна несреќа на скопската обиколница, јавува порталот Скопје1 на својот фејсбук-профил.
Таа во јавни објави ги сподели тагата и болката кои ги живее.
Во емотивната објава за својот син Адам, таа напиша:
„Ах, Адам мој! Прва радост моја! Душава ми ја изгоре, срцето ми го распарчи! Си замина без поздрав, без да те прегрнам и помирисам за последен пат. Ме научи многу работи, но не ме научи како да живеам без тебе, без твојата најубава насмевка, без твојот глас.“
Таа додава дека Адам не е сам и дека покрај него се и неговиот татко Ристе, како и Петар и Марко, кои исто така загинаа во несреќата.
„Збогум чедо мајкино, не си сам, со тебе се тато, Петар и Марко. Ќе биде многу тешко без тебе“, напиша Велкова.


