МВР објави: Бидете крајно внимателни, за ова можете да добиете казна до 50.000 денари

Секторот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи упати итен апел до граѓаните за зголемена претпазливост и максимална одговорност при користење отворен пламен, особено во услови на високи температури и продолжен сушен период.

Од МВР предупредуваат дека поради топлото и суво време значително е зголемен ризикот од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор, кои можат да предизвикаат сериозна материјална штета, но и да го загрозат животот и здравјето на граѓаните, како и природните ресурси.

Надлежните институции потсетуваат дека со закон е строго забрането палење на трева, ниска вегетација, стрништа и отпад, како и палење оган во шума или на растојание помало од 200 метри од шумскиот појас. Секоја ваква активност се смета за сериозно прекршување на законските одредби и носи високи санкции.

За непочитување на овие правила се предвидени ригорозни парични казни. За физички лица тие се движат од 10.000 до 50.000 денари, додека за палење стрништа, растителни остатоци и отпад е предвидена фиксна казна од 10.000 денари. За правни лица, односно компании, казните се значително повисоки и изнесуваат од 300.000 до 1.000.000 денари.

Од МВР најавуваат дека во наредниот период ќе биде засилен надзорот на терен, во координација со инспекциските служби на локално и републичко ниво. Целта е навремено откривање и строго санкционирање на сите лица кои ги прекршуваат прописите и со тоа ја загрозуваат безбедноста.