Деветнаесетгодишен мотоциклист починал како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајна несреќа што се случила синоќа во Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена во 22:21 часот на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“.
Во несреќата учествувале патничко возило „Ауди А4“, управувано од 31-годишниот Н.Х. од Визбегово, како и два мотоцикли – „БМВ“ управуван од 19-годишниот М.Ф. од Скопје и „Хонда“ управувана од 21-годишниот Н.Б. од Скопје.
Најтешко повреден бил 19-годишниот мотоциклист М.Ф., кој со тешки телесни повреди бил итно пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај интервенциите на лекарите, тој подоцна им подлегнал на повредите.
Од МВР информираат дека по наредба на јавен обвинител, возачот на патничкото возило е лишен од слобода и се преземаат понатамошни мерки за утврдување на одговорност.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и екипи од СВР Скопје. Се работи на утврдување на причините и околностите под кои дошло до трагичниот судир.

