Авионот со македонските фудбалери итно се врати во Истанбул

Македонската фудбалска репрезентација денеска се враќа од Турција во Македонија, но поради технички проблеми со авионот, тие се уште се во Истанбул.

Чартер авионот на македонските фудбалери полетал од Истанбул во предвиденото време и се очекуваше на скопскиот аеродром да слета околу 13:40 часот.

Сепак, по 20 минути лет се огласил пилотот информирајќи ги патниците дека поради технички проблем, авионот се враќа назад, по што повторно слетале во Истанбул.

Засега не е познато за каков технички проблем станува збор, колкава е неговата сериозност, и кога македонската фудбалска експедиција ќе се врати во Македонија. Она што со сигурност се знае е дека во моментов тие се на аеродромот во Истанбул.

Во авионот покрај членовите на македонската репрезентација, се и лица од Фудбалската федерација на Македонија и претставници на медиуми.