Со новите провизии еден пензионер годишно ќе им плаќа на банките до 100 евра годишно доколку плаќа сметки на шалтер.
Семејство, пак, од четири члена, доколку се сите полнолетни, само за водење трансакциска сметка и за електронско банкарство треба да издвои минимални 200 до 250 евра годишно.
Новиот бран поскапувања на банкарските услуги што стапува во сила од август ќе донесе дополнителен удар врз домашните буџети на граѓаните.
Иако на прв поглед дел од зголемувањата изгледаат симболично – пет, десет или дваесет денари повеќе за одредена услуга, кога ќе се соберат сите месечни трошоци, сумите стануваат значително повисоки.
Дополнително ќе бидат погодени и граѓаните што имаат намера од август да земат станбен кредит. За нив, финансиски товар може да надмине и 90.000 денари уште пред да ги добијат клучевите од новиот дом. Зголемувањето на провизиите веќе го најавија две од најголемите банки во земјава, а најголем дел од корекциите се однесуваат на услугите што граѓаните секојдневно ги користат, како плаќање сметки, одржување трансакциски и девизни сметки, дигитално банкарство, меѓународни трансфери и кредитни услуги.
Најголемиот процентуален скок е кај плаќањето режиски сметки во готово на шалтер. Провизијата се зголемува од 90 на 120 денари по трансакција, што претставува раст од над 33 отсто. Оваа промена најдиректно ги погодува пензионерите и повозрасните граѓани што сè уште најчесто ги плаќаат сметките на традиционален начин.
Доколку еден пензионер месечно плаќа четири режиски сметки на шалтер, како тие за струја, вода, телефон и интернет со телевизија, само за овие трансакции ќе треба да издвојува дополнителни 480 денари месечно.

