Една година затвор за Стевчо Јакимовски, пресуди Апелација

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, е осуден на една година затвор за изградбата на општинската зграда, пресуди Апелација.

-Апелациониот суд Скопје, делумно ја потврди пресудата против С.Ј. и Т.Ѓ поврзана со изградба на општинската зграда во Карпош.
Второ степениот суд, постапувајќи по жалба на обвинетите и на

надлежниот Јавен обвинител донел пресуда со КОКЖ бр. 110/25 според која, пресудата против обвинетиот С.Ј. – поранешен градоначалник на општина Карпош, за кривичното дело – Бесправно градење од чл. 244 – а ст.1 од КЗ за кое дело му е утврдена казна затвор во траење од 1 година СЕ ПОТВРДУВА, а во изречената казна затвор му се засметува и времето минато во куќен притвор од 19.03.2019 год до 15.08.2019 година, информираат од судот.

Оттаму додаваат и дека за еден дел од предметот, судењето се враќа од почеток.

-Во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.4 вв ст.1 вв чл. 45 од КЗ жалбата на обвинетиот е уважена и предметот, само во тој дел се враќа на повторно судење. Во однос на ова кривично дело, со оглед да истото е сторено во период од 2011 година до 2017 – та година, предвидената казна е од три до пет години, па согласно одредбите за застарување истото би застарело во 2027 – ма година.

Што се однесува до обвинетиот Т.Ѓ за кого со првостепената пресуда е утврдена Условна осуда, истата е укината од Апелациониот суд и предметот е вратен на повторно постапување, велат од судот.