Прилепскиот бизнисмен Жарко Ристески е еден од загинатите во тешката несреќа што се случи вчера кај Кавадарци.
Сообраќајката се случи на експресниот пат Прилеп – Градско, по директен судир на две возила со прилепски регистарски таблички.
Според информациите од полицијата, животот го загубиле 51-годишниот Жарко Ристески и 42-годишна сопатничка од Прилеп.
Во несреќата тешко е повреден и возачот на другото возило, кој е пренесен на лекување во Скопје.
Неофицијално, Ристески бил сопственик на компанијата за превоз на патници „Роман“ и бил познат во прилепската бизнис-заедница. По трагедијата, бројни граѓани, пријатели и организации упатија пораки со сочувство, истакнувајќи ја неговата хуманост и поддршка кон лицата со попреченост.
– На 11.06.2026 во 13:30 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека на експресниот пат Градско-Прилеп, после исклучокот за Кавадарци, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило ,,шкода октавија” со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ж.Р.(51) од Прилеп и патничко возило ,,фолксваген голф” со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.М.(39) од Прилеп. Во несреќата на местото починале возачот на патничкото возило ,,шкода” и 42-годишната Б.Б. од Прилеп, спопатник во возилото, а смрт констатирал лекар од екипа на Итна медицинска помош Кавадарци. Со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило ,,голф”, констатирани во Општа болница Кавадарци и бил пренесен во Комплекс клиники ,,Мајка Тереза“ во Скопје, информираа од МВР.
Причините за несреќата се утврдуваат, а увид на местото извршија јавен обвинител и полициски екипи.

