УЖАСНА ВЕСТ: Жена пријавена дека го удирала своето тримесечно бебе во асфалт

Шокантен случај на можно насилство врз тримесечно бебе е пријавен во Тетово, откако очевидци забележале жена како физички го малтретира детето и го удира во асфалт, по што веднаш интервенирале и го известиле МВР.

Според информациите од СВР Тетово, на 14 јуни 2026 година во 17:20 часот, полициски службеници ја лишиле од слобода В.М. (42) од Прилеп, со престој во Тетово. Подоцна, во 18:30 часот, во селото Сараќино, полициски службеници од Полициското одделение Групчин го привеле и Б.С. (37) од истото село.

Претходно, околу 16:00 часот, во СВР Тетово било пријавено дека околу 15:30 часот В.М. била забележана како физички го малтретира и удира во асфалт своето тримесечно бебе. Лицата кои го забележале настанот ѝ го одзеле детето и веднаш го пријавиле случајот во полиција.

За случајот биле известени социјален работник и инспектор за малолетници, а двете лица биле задржани во полициска станица.

По целосното документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Надлежните институции продолжуваат да ги утврдуваат сите околности поврзани со случајот и состојбата на бебето.