Управата за хидрометеоролошки работи информира дека попладнево веќе во повеќе делови од државата има нестабилно време проследено со пороен дожд и грмежи.
Најизразена нестабилност е регистрирана во источните делови, особено во Делчево и околината, каде локално има пороен дожд, грмежи и појава на суградица.
Нестабилна облачност е забележана и во Преспанскиот регион, како и во западните делови од земјата.
Поројни врнежи и грмежи има и во планинските предели на североисточниот и источниот регион, додека на запад и југозапад се развива нестабилна облачна маса проследена со слаб до умерен пороен дожд и ретки грмежи.
Според прогнозата на УХМР, од утре до почетокот на следната седмица времето во претпладневните часови ќе биде сончево со променлива облачност. Во попладневните часови, поради големата нестабилност на атмосферата, ќе има услови за локална појава на краткотрајно невреме, особено во југоисточните делови од државата.


