Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, е приведен во рамки на поширока истражна постапка што ја спроведуваат надлежните институции, а во која, според неофицијални информации, се опфатени уште 15 лица и три компании.
Истражните органи денеска спроведоа повеќе активности на неколку локации, при што беа извршени претреси и обезбедени докази поврзани со предметот.
Неофицијално, при претрес во домот на Ѓорѓиоски биле пронајдени поголеми парични средства во готовина, кои ќе бидат предмет на понатамошни проверки во рамки на истрагата.
Засега не се соопштуваат официјални детали за кривичните дела за кои се води постапката, ниту за улогата на осомничените лица и компаниите опфатени со акцијата.
Од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство се очекуваат повеќе информации во текот на денот, кога би требало да бидат соопштени деталите за спроведената акција и причините за истрагата.
Илчо Ѓорѓиоски беше на чело на Фудбалската федерација на Македонија во периодот од 2012 до 2018 година.

