Седумнаесетгодишна девојка од Куманово е повредена откако со автомобил излетала од автопатот Куманово – граничен премин Табановце, по што возилото се запалило и целосно било зафатено од огнот.
Според информациите од полицијата, несреќата била пријавена вчера во 12:10 часот во СВР Куманово. Малолетничката управувала патничко возило „Фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки кога изгубила контрола и излетала од коловозот.
По излетувањето, во возилото избувнал пожар кој брзо го зафатил целиот автомобил. Засега не е познато што точно го предизвикало запалувањето, а причините за несреќата се предмет на понатамошна истрага.
Истовремено било пријавено дека истиот ден нејзиниот брат ја пријавил како исчезната, откако се оддалечила од семејниот дом.
По несреќата, девојката била пренесена во Општата болница во Куманово, каде што ѝ била укажана лекарска помош. Засега не се соопштуваат детали за сериозноста на повредите.
Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото на настанот и работи на целосно расчистување на случајот.

