Познатиот американски актер Пол Ејвери, ѕвезда на хит серијата „Сите мои деца“ (All My Children) и легендарниот филм „Супермен“, трагично настрада заедно со сопругата Шила, откако во нивниот семеен дом во Блерстаун, Њу Џерси, избувна страшен пожар.
Пожарникарите дојуриле на лице место нешто пред еден часот по полноќ и очајнички се обиделе да го реанимираат парот, но и двајцата, за жал, им подлегнале на здобиените повреди. Истрагата за точната причина за овој смртоносен пожар во кој животот го загубија актерот и неговата сопруга е сè уште во тек, а засега останува нејасно што го предизвикало.
Првиот што го виде Супермен како лета
Пол Ејвери повеќе од една деценија го глумеше шанкерот Хјуи во хит сапуницата од осумдесеттите, „Сите мои деца“. Сепак, најголемите обожаватели го паметат по легендарната улога на телевизиски камерман во оригиналниот филм „Супермен“ од 1978 година – имено, тој беше првиот лик на филмското платно кој го виде Супермен како лета.
Неговата ќерка Кајл Ејвери ја сподели срцепарателната вест за смртта на нејзините родители преку Фејсбук:
„Скршена сум што морам да споделам дека нашите родители, Пол и Шила Гари Ејвери, починаа рано утринава. Ги сакавме толку многу, и тие нè сакаа толку многу, и никој никогаш не мораше да се прашува дали е тоа навистина така“, напиша таа во емотивната објава под која се нижеа коментари со сочувство.
„Најинтересниот човек на светот“ кој се грижеше за болната сопруга
Покрај актерската кариера, Ејвери водеше исклучително возбудлив живот. Беше ветеран од Виетнамската војна, страствен падобранец, а го основаше и локалниот весник „Ridge View Echo“. Неговиот пријател Џо Фалон изјави дека Пол бил „најинтересниот човек на светот кога ќе се земе предвид сè што направил во животот“, додавајќи дека неговото заминување ќе остави огромна празнина.
Весникот што го основаше пренесе дека актерот бил надалеку познат по својата хуманитарна работа, како и дека последните години од животот ги посветил на грижата за својата болна сопруга, додека истовремено се трудел да ја унапреди локалната заедница. Самиот Ејвери тоа еднаш најдобро го опиша:
„Грандиозната работа кај животот во мал град е тоа што можете активно да учествувате во него“, изјави тогаш тој.

