Повторно проблеми со апликацијата МојДДВ – граѓаните не можат да скенираат фискални

Апликацијата „МојДДВ“ повторно денеска има проблеми во функционирањето, поради што голем број граѓани не можат да ги скенираат своите фискални сметки и да остварат поврат на ДДВ.

Корисниците се жалат дека при обид за користење на апликацијата се појавува порака дека нема поврзување со серверите на Управата за јавни приходи, што предизвикува незадоволство и загриженост кај граѓаните.

Ова не е првпат апликацијата да се соочува со технички проблеми. Во текот на изминатата година беа забележани повеќе прекини во работата, како и доцнења во исплатата на средствата од повратот на ДДВ.

Во јавноста се појавија и различни шпекулации, а дел од граѓаните преку социјалните мрежи коментираат дека честите проблеми и доцнењата можеби се поврзани со финансиската состојба на државата. Сепак, за ваквите тврдења нема официјална потврда.

Иако претходно од раководството на УЈП беше посочено дека мерката не ги дала очекуваните резултати, засега нема најави за нејзино укинување. Граѓаните очекуваат проблемот да биде решен што е можно побрзо за да можат повторно непречено да ги користат услугите на апликацијата.