Почина хрватската писателка, новинарка и есеистка Славенка Дракулиќ, една од најпреведуваните и највлијателни авторки од поранешна Југославија.
Дракулиќ починала ненадејно на 76-годишна возраст, непосредно по објавувањето на нејзината најнова книга „Зошто не научив да готвам“, објавија хрватските медиуми.
Глас што ги обележа транзицијата и женските права
Родена на 4 јули 1949 година, Славенка Дракулиќ дипломирала компаративна книжевност и социологија на Филозофскиот факултет во Загреб, а кариерата ја започнала како новинарка. Преку текстовите објавувани во списанијата „Старт“, „Данас“ и „НИН“, таа беше меѓу првите авторки кои отворено ги поставија феминистичките теми во јавниот простор на поранешна Југославија.
Во 1984 година ја објави својата прва публицистичка книга „Смртните гревови на феминизмот“, а три години подоцна и романот „Холограми на стравот“, кој доживеа голем успех и беше препознаен по својот искрен и автобиографски пристап кон женското искуство.
Авторка преведувана низ целиот свет
Меѓу нејзините најпознати дела се „Како преживеавме“, „Тие не би згазиле ни мравка“, „Кафе Европа“, „Балкан Експрес“, „Телото на нејзиното тело“, „Басни за комунизмот“ и „Повторно во Кафе Европа“. Нејзините анализи за војните на Балканот, транзицијата, национализмот и положбата на жените беа објавувани во престижни светски медиуми како The New York Times, Frankfurter Allgemeine Zeitung, La Repubblica и El Mundo.
Во романите ги оживеа животите на историски жени
Покрај публицистиката, Дракулиќ остави значаен белег и во книжевноста. Во своите романи често се занимаваше со женските идентитети, а литературно ги обработуваше животите на личности како Frida Kahlo и Mileva Einstein. Со нејзината смрт, регионалната и европската книжевност губат еден од најважните и најпрепознатливи интелектуални гласови на своето време.

