Силното невреме кое синоќа ја зафати Битола и околината, со интензивни врнежи од над 40 литри на метар квадратен, предизвика оштетувања на повеќе локации во градот и околните населени места.
Екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ од раните утрински часови се на терен со својата механизација и оператива, работејќи на расчистување и санирање на последиците од невремето.
Најпогодени се делови од населбите Баир и Бадембалари, како и улиците Дебарска, Бихач и Караорман, каде се констатирани оштетувања на коловозните површини. Активности се спроведуваат и на потегот кон Кравари и Бистрица.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со директорите на јавните претпријатија, беше на терен и ја координираше работата на екипите со цел што побрзо надминување на состојбите.
„Заедно со директорите сум на терен со цел координирање и санирање на состојбите“, информираше на социјалните мрежи Коњановски.
Надлежните служби продолжуваат со активности на повеќе локации, со цел нормализирање на состојбата по обилните врнежи.

