Македонската музичка сцена остана без едно од своите најголеми имиња. На 66-годишна возраст почина пејачот Владо Јаневски, јавуваат повеќе домашни медиуми.
Според објавените информации, Јаневски починал вечерва на една од клиниките во Скопје, по кратко боледување.
Во последните години од животот, тој живееше во Гевгелија, каде што водеше повлечен и мирен живот. Во едно од своите интервјуа откри дека ја продал семејната куќа во Чаир, како и автомобилот, а во Гевгелија живеел во изнајмен апартман.
Јаневски често нагласуваше дека во Скопје доаѓал само кога имал професионални обврски, како концерти, снимања или интервјуа. Иако неизмерно го сакал главниот град, велеше дека мирот што го пронашол во Гевгелија му бил поважен.
Во едно свое интервју раскажа дека најголем дел од времето го минувал дома или во „Фламинго“, кој го сметал за свој втор дом. Таму, како што велеше, секогаш бил прифатен со топлина и почит. Иако живеел непосредно до границата со Грција, ретко ја посетувал, избирајќи тивок и спокоен начин на живот.
Со неговото заминување, Македонија изгуби еден од најпрепознатливите гласови и автори, чии песни ќе останат траен дел од домашната музичка историја.

