Македонскиот спорт завиен во црно: Почина Марјан Јованов – Мане

Поранешниот претседател на Одбојкарската федерација на Македонија, Марјан Јованов – Мане, почина во Скопје на 58-годишна возраст.

Јованов ја предводеше Одбојкарската федерација во периодот од 2007 до 2009 година, оставајќи значаен белег во развојот на македонската одбојка. За време на неговиот мандат беа поставени темелите за идните успеси на машката сениорска репрезентација, која во наредните години забележа историски резултати на меѓународната сцена.

Токму во тој период започна создавањето на генерацијата која се избори за бараж-дуел со Чешка во квалификациите за Европското првенство 2009, што претставуваше еден од првите големи чекори кон европските настапи на македонската репрезентација.

По две години на чело на Федерацијата, Марјан Јованов се повлече од функцијата поради професионални ангажмани. Зад себе остави стабилно поставен систем, јасна визија и тим кој продолжи да работи на унапредување на македонската одбојка. Неговиот придонес останува дел од успесите што следуваа во годините потоа.

И по завршувањето на претседателскиот мандат, Јованов остана активен поддржувач на спортот и секогаш беше подготвен да помогне со совет, искуство и поддршка. Одбојкарската федерација на Македонија изрази длабоко сочувство до неговото семејство, роднините, пријателите и сите што имаа можност да соработуваат и да го познаваат.

Неговиот придонес кон македонската одбојка ќе остане трајно запаметен.

Погребот ќе се одржи во вторник, на 30 јуни 2026 година, со почеток во 11:00 часот, на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.