Уште една тажна вест ја потресе Македонија: Почина познатиот режисер

Почина режисерот Сашо Миленковски, потврдија од Драмски театар Скопје.

Имаше 63 години.

Неговата професионална кариера започнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988–1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.

Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа.

Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови. Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.