Семејството на Љубиша Ѓорѓевиќ (65) од Лесковац, кој трагично го загуби животот за време на летување во Грција, сè уште не може да се помири со трагедијата што се случила пред очите на неговата сопруга, ќерката и внуците.
Додека го очекуваат неговото тело да биде пренесено во Србија, најблиските со тага, но и со огромна благодарност, зборуваат за сите луѓе кои се обиделе да му го спасат животот.
„Љубиша беше добар пливач. Не веруваме дека се удавил поради пливањето, туку најверојатно му се слошило, можеби поради срцев удар. Сè уште ги чекаме резултатите од обдукцијата“, изјавил неговиот зет Марко Николиќ за српските медиуми.
Тој раскажува дека Љубиша неизмерно ги сакал своето семејство, а особено внуците. Летувањето било подарок од нивната ќерка по повод 40 години брак – јубилеј што требало да го прослават во август.
Кобниот настан се случил додека Љубиша бил во морето со својот тригодишен внук, кој е роден на истиот датум како и неговиот дедо.
„Беше во водата околу десет минути со нашиот син. Ѝ мавташе на ќерка ми, а таа мислеше дека ѝ покажува да го преземе детето. Кога му се приближи и го зема внукот, во истиот момент неговата глава падна во водата. Убедени сме дека до последната секунда се бореше само за детето да биде безбедно“, раскажува Марко.
Ќерката веднаш го извлекла од морето и повикала помош. Луѓето што биле на плажата веднаш притрчале.
„Еден Грк не се откажуваше ниту за миг. Заедно со мојата сопруга и уште еден човек правеше сè за да го реанимираат. Кога пристигна Итната помош, ја продолжија борбата околу 40 минути, но, за жал, не успеаја да го спасат“, вели тој.
Семејството упатува посебна благодарност до сите што помогнале тој ден.
„Имаше луѓе од Србија, Македонија, но најмногу Грци, кои направија сè што беше во нивна моќ. Никогаш нема да ја заборавиме нивната човечност и пожртвуваност“, додава Марко.
Телото на Љубиша Ѓорѓевиќ се очекува да биде пренесено во Србија во текот на викендот, по што ќе биде погребан во родниот Лесковац.
Љубиша бил познат како ведар и семеен човек, а меѓу пријателите и како голем навивач на Црвена ѕвезда.
Неговото семејство верува дека последното што го направил било да се увери дека неговиот внук е безбеден. Според нив, токму тоа најдобро зборува за неговата несебичност и љубов кон семејството.

