Гостиварската полиција приведе 36-годишен жител на селото Вруток, откако, според официјалните информации, предизвикал сообраќајна незгода, а потоа го напуштил местото на настанот.
Станува збор за лицето Ф.И. (36), кое било лишено од слобода на 2 јули од страна на полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај во Гостивар, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според полициските податоци, тој управувал патничко возило „Фолксваген Кеди“ со гостиварски регистарски таблички, по што учествувал во сообраќајна незгода и веднаш го напуштил местото на инцидентот.
По кратка потрага, возачот бил лоциран и приведен од страна на полициските службеници, при што било утврдено дека воопшто немал возачка дозвола.
По насока на јавен обвинител, возилото е одземено, а против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава по целосно документирање на случајот.

