Снимка која од синоќа до утрово стана вирална, а за која се вели дека е од Гостивар и на која се гледа како преплашено бездомно куче во очај скока од зграда во изградба, ги вознемири граѓаните на социјалните мрежи.
Според сведоштва на очевидци, кучето скокнало откако насилници, наводно некои од работниците на градилиштето, го бркале и го тепале.
Во објавата се тврди дека кучето влегло на градилиштето барајќи засолниште од горештината, но дека таму наишло на луѓе кои го тепале за да го избркаат од објектот.
Кучето во паника избегало нагоре по скалите, до последниот кат. Таму, во безизлез, скокнало во смрт, пред десетина ужаснати сведоци.
Засега не се потврдени наводите, ниту околностите под кои во објавата се тврди дека се случил инцидентот.
Исто така, се уште нема официјална потврда за тоа дали случајот е пријавен во полицијата и во Агенцијата за храна и ветеринарство.

