Семеен пикник заврши со четири жртви – Голема трагедија го потресе регионот

Четири члена од исто семејство загинаа во трагична несреќа во водите на реката Струма, во близина на селото Пастух, во општина Невестино кај Ќустендил, Бугарија.

Несреќата се случила за време на семеен пикник, кога обидот за спасување завршил со фатален исход.

Според првичните информации, бабата и дедото влегле во реката, но биле повлечени од силната речна струја. Нивните две повозрасни внучиња веднаш се обиделе да им помогнат, но и тие биле однесени од водата.

На местото на несреќата била организирана обемна спасувачка акција во која учествувале специјализирани екипи, чамци и дронови. По неколкучасовна потрага, спасувачите ги пронашле телата на сите четири жртви. Единствено преживеало шестгодишно дете кое останало на брегот и не влегло во реката.

Детето успеало да повика помош, а иако нема физички повреди, според информациите се наоѓа во тешка психолошка состојба по трагичниот настан. Локалните власти соопштија дека делот од реката каде што се случила несреќата е познат по силните и опасни струи.

Надлежните служби спроведуваат истрага за целосно да ги утврдат причините и околностите под кои се случи оваа голема семејна трагедија.