Пожар избувна денеска напладне на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово, а локалната самоуправа изрази сомневање дека огнот е намерно подметнат.
Според информациите од Општина Валандово, пожарот бил пријавен во 12:37 часот, по што на местото веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица Валандово. Пожарот во моментов е ставен под контрола, но неговото целосно локализирање е отежнато поради непристапниот терен.
Од Општината посочуваат дека првичните сознанија упатуваат на тоа дека не станува збор за случаен пожар, туку дека лицето кое го предизвикало, добро го познавало теренот и избрало локација каде што противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.
Паралелно со гаснењето на пожарот, од ТППЕ Валандово повторно апелираат граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено, потсетувајќи дека таквите постапки се казниви и претставуваат сериозна опасност за луѓето, имотот и животната средина.
Од противпожарната единица најавуваат дека против секое лице кое ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа, ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции.

