Девојка, дипломирана физиотерапевтка и сертифициран терапевт за традиционална тајландска масажа Меланија, преку емотивна видео-објава на својот Инстаграм профил јавно побара помош од надлежните институции, тврдејќи дека со години живее во услови на семејно насилство, страв и институционална незаинтересираност.
Во своето обраќање, истакнува дека досега социјалните мрежи ги користела за теми поврзани со здравјето, холистичкиот пристап и духовниот развој, но овојпат решила јавно да проговори за личната животна борба.
„Не барам да бидам сожалувана, не барам коментари и поддршка од луѓето. Барам институциите да ме слушнат и да ми помогнат“, вели таа во видеото.
Според нејзиното сведоштво, таа, нејзината мајка, баба и брат со церебрална парализа живеат со лице, нејзиниот татко, кое, како што наведува, е во континуирана алкохолизирана состојба, има психијатриска дијагноза и историја на лекување во психијатриски установи, но, и покрај повеќекратните обиди, не успеваат повторно да обезбедат негова хоспитализација.
Таа тврди дека семејството со години се соочува со закани по живот, страв и психолошки притисок, а дека во повеќе наврати барале интервенција од полицијата и здравствените институции. Според неа, одговорите што ги добивале биле дека нема слободни места во психијатриските установи или дека не се исполнети условите за принудно лекување.
На крајот од видеото, таа повторно упатува апел за итна помош, нагласувајќи дека не сака трагедија да биде повод за институционална реакција, туку навремена заштита за нејзиното семејство.

