Со голема тага, од Струмичкиот театар „Антон Панов“ соопштија дека денеска, на 73-годишна возраст, почина една од основачите на театарот и неговата долгогодишна доајенка, Тинка Ристеска.
Нејзината актерска приказна започнала на само 16 години, кога првпат застанала на сцената во претставата „Бегалка“. Тоа бил почеток на импресивна кариера долга 55 години, исполнета со повеќе од сто театарски улоги и бројни незаборавни ликови во претставите „Галеб“, „Стаклена менажерија“, „Ромео и Јулија“, „Магбет“, „Лет во место“, „Печалбари“, „Женидба“ и многу други.
И по заминувањето во пензија во 2005 година, останала активна и верна на сцената. Во 2019 година го одбележала својот 50-годишен актерски јубилеј, а во 2024 година и 55 години актерска дејност – редок и значаен јубилеј за македонската култура.
Освен на театарските штици, оставила силен печат и во телевизиските серии, ТВ-проектите и долгометражните филмови.
Од Струмичкиот театар истакнуваат дека таа не била само врвна актерка, туку и исклучителен човек, секогаш подготвена да им помогне и да го пренесе своето знаење на помладите генерации. Зад себе остава богато уметничко наследство и неизбришлива трага во македонскиот театар.
Погребот ќе се одржи утре (вторник) во 12:00 часот на градските гробишта во Струмица, додека посмртните останки ќе бидат изложени од 11:00 часот во градската капела.

