Силно невреме со пороен дожд и бурни налети на ветер поплави домови и деловни објекти во Словенија, а на хрватскиот дел од Јадранот исфрли десетици бродови и јахти на брегот. Спасувачките служби интервенираа во повеќе словенечки региони, додека хрватските поморски власти спасиле тројца австриски државјани од оштетена едрилица.
Најпогодено било подрачјето на Крањ, каде што до раните утрински часови биле регистрирани 33 интервенции. Обилните врнежи навлегле во куќи, подруми и деловни простории, а силниот ветер корнел дрвја и оштетувал покриви. Екипите испумпувале вода, ги обезбедувале оштетените објекти и ги расчистувале патиштата.
Проблеми биле пријавени и во општините Горења Вас-Пољане и Накло, како и во Корошка, каде што имало интервенции во Словењ Градец, Дравоград, Мислиња и Превале. Пожарникарите работеле и во Подравскиот регион и Штаерска. Според досега објавените информации, во Словенија нема повредени, но е причинета материјална штета на повеќе станбени и други објекти.
Невремето се развило како дел од силен атмосферски систем над северна Италија, кој потоа се движел кон југоисток. Во текот на ноќта бурата го зафатила словенечкото Приморје, а потоа се префрлила кон Истра и северниот Јадран.
Словенечката Агенција за животна средина претходно издаде предупредување за можни посилни локални невремиња во југозападниот дел на земјата, со ризик од интензивни врнежи, град и силни налети на ветер. За денес останува можноста за нови локални бури и во другите делови од Словенија.
Драматична спасувачка операција во исто време се одвивала во хрватските води, дванаесет наутички милји јужно од ’Ртот Камењак. Националниот центар за координација на поморското пребарување и спасување во Риека во 4:44 часот добил повик од едрилица што била оштетена во бурата.
Поради силниот ветер и брановите комуникацијата со екипажот била отежната. Во пребарувањето биле вклучени Капетанијата во Пула, поморската и аеродромската полиција, а во готовност била ставена и Крајбрежната стража. Сите пловила во истарските води биле предупредени да ја зголемат претпазливоста.
Во 6:48 часот спасувачите ги пронашле тројцата австриски државјани неповредени на сплав покрај оштетената едрилица. Тие биле пренесени во Пула, додека за пловилото било организирано влечење до безбедно пристаниште. Поморските власти треба да утврдат како настанало оштетувањето.
Фронтот предизвикал и повеќе поморски несреќи околу островите Уније, Сушак и Лошињ. Силните налети и брановите ги откинале пловилата од нивните сидришта и исфрлиле десетици бродови и јахти на брегот.
Капетанијата во Мали Лошињ утврдила дека нема повредени лица и дека не е регистрирано загадување на морето. За поголем дел од насуканите пловила е организирана комерцијална помош, додека останатите треба да ги отстранат нивните сопственици и чартер-компаниите.
Хрватскиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување за делови од земјата поради локално силни грмотевици, интензивни врнежи и привремено силен ветер. Веројатноста за грмотевици е проценета на повеќе од 70 проценти, а граѓаните и сопствениците на пловила се предупредени на можност од нови штети.
На северниот Јадран во текот на денот се очекува и засилување на бурата, додека во повеќе делови од Хрватска повторно се можни локални поројни врнежи. Надлежните служби продолжуваат со отстранување на последиците и процена на материјалната штета.

