Силно невреме проследено со урагански ветер, пороен дожд и град попладнево го погоди Делчево, оставајќи зад себе голема материјална штета.
На повеќе локации низ градот силниот ветер корнеше дрвја, кршеше гранки и носеше покривни конструкции, додека улиците за кратко време беа претворени во реки.
Според првичните информации, оштетени се повеќе објекти, автомобили и електрична инфраструктура, а надлежните служби се на терен и работат на расчистување на последиците.
Граѓаните сведочат дека вакво силно невреме не паметат со години. На социјалните мрежи се објавуваат бројни фотографии и видеа на кои се гледаат откорнати дрвја, однесени кровови и големи количини вода по улиците.
Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични водови и нестабилни конструкции, како и да ги следат препораките на институциите.

